Претседателката на Косово Вјоса Османи ја обвини Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ дека се одговорни за нападот на вооружениот одред на косовската полиција на северот на земјата минатиот викенд, истакнувајќи во интервју за „Reuters“ дека Косово е „нападнато“.
30-тина тешко вооружени Срби ја нападнале полицијата во селото Бањска на северот на Косово во неделата, по што се забарикадирале во манастир на Српската православна црква.
Во борбите загинале тројца српски напаѓачи и еден косовски полицаец. „Косово е нападнато“, рекла денеска Османи во интервју за „Reuters“. „Вооружената група едноставно спроведувала мотиви на Србија како земја и Вучиќ како лидер“, додала таа.
Претседателот на Србија, Александар Вуќиќ негира одговорност за судирот.
„Косово ќе се брани по секоја цена“
Османи рекла дека Србија сè уште има територијални барања кон Косово и дека сака да постигне „кримски модел“ со создавање на тензии на северот на Косово каде живеат околу 50.000 Срби.
„Тоа што би му го порачала на Вуќиќ е да престане да си игра со Косово. Косово ќе ја брани својата слобода, својата независност и својот суверенитет по секоја цена“, истакнала Османи.
„Тие се обидуваат да го спроведат кримскиот модел во Косово, но ние апсолутно нема да дозволиме тоа да се случи“, додала таа.
„Многу сум загрижена дека слични напади би можеле да се случат во блиска иднина и апелирала на меѓународната заедница да направи се за Србија да сопре со поддршката на таквите напади.
Османи рекла и дека разговорите со Србија не може да продолжат како порано.