Актуелните предизвици со кои се соочува трансатланстската заедница, со посебен акцент на последиците од руската воена агресија врз Украина, справувањето со енергетската криза, зголемување на отпорноста на демократиите, како и приоритетите за дејствување во трансатлантските односи беа во фокусот на разговорите на традиционалната годишна Трансатлантска вечера во Њујорк на маргините на 77-то Генерално собрание на ОН, во организација на американската државна потсекретарка за политички прашања Викторија Нуланд, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во своето обраќање, Османи го поздрави единството на НАТО сојузниците во однос на бескомпромисната поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, воедно нагласувајќи ги досега преземените низа чекори и мерки во одговор на руската агресија од страна на Македонија како кредибилна членка на Алијансата.
Како што соопшти МНР, дополнително Османи ја нагласи потребата од забрзување на евроатлантските интеграции на земјите од регионот на Западен Балкан, како значаен влог во регионалната, но и европската стабилност.
– Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е особено значајно во насока на обезбедување стабилен и отпорен регион во актуелниот несигурен геополитички контекст. Воедно, со цел зачувување на регионалната, европската, но и трансатлантската безбедност се налага и потребата од засилен ангажман и присуство на НАТО и САД на нашите простори, заклучи Османи.