Кралството Норвешка отсекогаш претставувало земја пријател и важен подржувач на Македонија, во остварувањето на нашите приоритети и стратешки реформски цели поврзани со интеграцијата на земјата во ЕУ, посочи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната средба со Јорн Јелштад, новоименуваниот норвешки амбасадор во земјава со седиште во Белград.
-Кралството на Норвешка го препозна клучниот момент кога на нашата земја и беше потребна силна поддршка во евро-интегративниот процес и затоа одлучи да ја зголеми поддршката за нашата земја, истакна Османи, подвлекувајќи дека преку неповратните средства од околу три до пет милиони евра на годишно ниво кои што Норвешка ги распределува за земјава, во голема мера се покриваат потребите кои произлегуваат од ЕУ агендата, како што се подготовките за втората фаза на Договорот за стабилизација и асоцијација, надградување на платформата со софтверско решение за усогласеноста на нашето законодавство со законодавството на ЕУ…
Вицепремиерот Османи, информираат од СЕП, му честиташе на амбасадорот Јелштад за мандатот како амбасадор и му посака успешна реализација на поставените цели.
Амбасадорот Јелштад истакна дека Македонија покажа одлична подготвеност и политичка зрелост со превземените чекори и досегашните реформи реализирани во насока на пристапување кон ЕУ и НАТО, и дека очекува во најкраток рок протоколот за НАТО да биде ратификуван од страна на Шпанија со што ќе се заокружи цел процес за полноправно членство во НАТО.
Османи меѓу другото потенцираше дека освен полноправното членство во НАТО исто така од суштинско значење за нашата земја е и отворањето на процесот на преговори со ЕУ.
-Земјата очекува позитивен исход од претстојните самити на ЕК во март, мај и април, при што секоја поддршка во оваа насока од страна на Кралството Норвешка ќе биде добредојдено, истакна Османи.
Двајцата соговорници заеднички заклучија дека двете земји имаат одлична билатерална соработка во различни области и со зајакнато темпо ќе продолжат и понатаму да ги продлабочуваат добрите односи преку проекти од взаемен интерес во различни области.