Процесот на проширување на ЕУ е некаде меѓу заснован на заслуги и геополитички пристап, што значи дека железната врата на Унијата се отвора накусо во одреден политички моментум и влегуваат оние кои во тој момент се до некаде поподготвени за прием од останатите, истакна денеска во Брисел министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на панелот „Проширувањето на ЕУ: Новата геополитичка неопходност” во рамки на настанот насловен „Самит ЕУ-Западен Балкан“ во организација на бриселската тинк-тенк организација „Пријатели на Европа“.
Тој потсети дека ваквиот пристап пренесен на Западниот Балкан резултираше со него предолго време оставање на страна, но руската агресија врз Украина ги расчисти настанатите геополитички и стратешки облаци.
– Кога се расчистија тие облаци, она што го видовме беше парадоксална ситуација. Видовме сина мапа на ЕУ со мал сив остров од шесте земји од Западниот Балкан, чија големина е колку една Романија. Тој наликува како рана на телото. Раните настануваат поради недостиг на циркулација. Западниот Балкан е сив поради недоволната циркулација со ЕУ и меѓу себе, изјави Османи, додавајќи дека ако регионот биде оставен да чека уште многу години како рана, може да стане точка на крварење или место за влез на малигни влијанија.
Според него, што се однесува до Северна Македонија ситуацијата е уште попарадоксална и земјата стана лакмус тест за кредибилноста на ЕУ во регионот.
– Во нашиот случај, перцепцијата на луѓето е дека ЕУ поставува претерано предизвикувачки барања, не за да ја забрза интеграцијата, туку за да ги обесхрабри кандидатите и да го намали интересот за проширувањето, истакна Османи.
Тој посочи дека во рамки на тие барања беше и земјата да го смени името, што многу држави би го одбиле, но ние го сторивме тоа во интерес на европската интеграција, а потоа имавме и дискусии за историски прашања со друга земја членка.
– И кога го сторивме сето тоа, во 2019 ни рекоа, ние мораме да ја промениме методологијата на проширување и вие не можете да ги почнете преговорите, откако 17 години бевме кандидат, истакна Османи, додавајќи дека и тогаш земјава рече „Во ред“, подгответе нова методологија и критериуми, бидејќи ништо не може да ја смени нашата определба за членство во ЕУ.
Во такви услови, потенцира Османи, ние го промовиравме концептот „повеќе интеграција, пред членство“, бидејќи сегашниот пристап е дека ги добивате сите привилегии дури со полноправното членство, а ништо пред тоа.
– Тоа е причина за фрустрации и на кандидатите и на земјите членки на ЕУ. Кандидатите не добиваат ништо пред да го изодат патот до полноправното членство. А патот е долг, со нерамнини и е тежок, а бенефитите ги чувствувате дури по зачленувањето, истакна Османи, додавајќи дека од друга страна и земјите на Унијата се фрустрирани, бидејќи сметаат дека со приемот на нови членки блокот ќе стане понефукционелен.
Затоа, според него, за надминување на овие фрустрации го предложивме нашиот концепт, кој се базира на три столба – првиот, да седнеме на масата на политичките формати на ЕУ поврзани со оние работи за кои сме целосно усогласени со ЕУ, вториот, пристап до заедничкиот европски пазар и третиот, пристап до структурните фондовите на ЕУ уште пред зачленувањето.
Тој потенцира дека помошта што во моментов ја добиваат земјите кандидати за членство во регионот од ЕУ е 11 пати помала од средствата што им се доделуваат на соседите членки на Унијата.
– Идејата на пристапот е да се надмине и стесни овој јаз. Затоа верувам дека ингеренцијата пред членство, ќе доведе до ситуација чинот на зачленување да биде само главна вест во медиумите, бидејќи граѓаните на дневна основа ќе ги чувствуваат бенефитите во своите џебови, а политичките елити ќе бидат поттикнати да ги спроведуваат реформите бидејќи ќе има придобивки уште за време на нивните мандати, додаде Османи.
Тој потенцира дека не сакаме „скратени патишта“ за членство, туку почитување на критериумите, нагласувајќи дека земјава го почна процесот на пристапување заедно со Хрватска и Словенија, кои одамна се членки на ЕУ, а Северна Македонија нема пристап ни до единствениот пазар и дури и покрај исполнетите критериуми беше оставена да чека, поради билатерални прашања.
– „Повеќе интеграција, пред членство“, не е алтернатива на полноправното членство, туку начин да се премости јазот од сега до 2030 година, како индикативна година за новото проширување, истакна Османи, додавајќи дека ваквиот пристап ќе им овозможи на земјите од регионот да ги задржат своите граѓани дома и да го спречат одлевање на мозоци и генерално миграцијата кон ЕУ.
Во воведното обраќање на панелот, генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија (НЕАР), Герт Јан Копман порача дека процесот на проширувањето на Унијата се враќа на сцена, што ќе биде потврдено и на Самитот на ЕУ следната недела.
Според него, по долгиот период на ограничен напредок во кој дојде до застој на проширувањето и во кој можеби регионот на Западниот Балкан беше оставен „предолго сам“, ЕУ мораше да преземе напори за да го поттикне процесот.
Копман нагласи дека во прилог на ваквиот пристап кон проширувањето е и Планот за раст на Западниот Балкан, кој за 10 години треба да придонесе за двојно зголемување на БДП на земјите од регионот, како и за нивно интегрирање на заедничкиот европски пазар уште пред полноправното членство, потенцирајќи дека за сите овие придобивки тие држави треба да ги спроведуваат неопходните реформи и да покажат резултати. сп/ев/
Фото: Скриншот