Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во посета на Скопје.
Изразувајќи благодарност за оваа посета, Османи подвлекол дека Европската комисија отсекогаш била докажан партнер на патот на евроинтегративен пат на земјава, стриктно и објективно анализирајќи ги состојбите и остварениот напредок преточен во извештаите за напредокот на државата. Оваа поддршка, нагласил, ќе продолжи и понатаму со официјалното отворање на пристапните преговори низ процесот на скрининг.
– Оваа посета доаѓа во вистинско време, при самото заокружување на широкиот консултативен процес за предлогот на Француското претседателство и вашето денешното обраќање во Собранието го сметаме за значаен придонес во овој процес и поддршка за продолжување на нашите европски интеграции, истакнал Османи, се наведува во соопштението од МНР.
Тој потсетил дека е втор пат во нашата историја, Претседател на Европската Комисија да се обрати во нашето Собрание. Првиот пат Романо Проди, на самиот старт на нашиот евроинтегративен пат, по повод потпишувањето на Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација, и сега на самиот старт на преговорите, како финална фаза пред нашето полноправно членство во Унијата.