Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи на денешната средба со регионалниот директор на УНОПС за регионот на Европа и Централна Азија, Моин Карим, посочи дека активностите на УНОПС во државата покажуваат резултати.
– Сакам да изразам задоволство од работата на канцеларијата на УНОПС што се отвори минатата година во насока на имплементација на средствата од Кралствата Норвешка и Шведска, чија билатерална поддршка претставува основа за имплементација на проектите на УНОПС во РС Македонија, истакна Османи.
Тој упати задоволство и од квалитетот на таргетирањето на билатералната помош и од нејзиното насочување во мултиетнички средини, создавајќи притоа и дополнителна вредност од аспект на кохезијата во општеството, како основа за долгорочна стабилност.
Османи упати благодарност до Карим и за таргетирањето на Секретаријатот за европски прашања, како корисник во насока на поддршка на администрацијата во нејзината подготовка за предизвиците кои претстојат, подготвувајќи ги капацитетите за преговори со Европската Унија.
Изрази уверување дека проектот „Нордиски напредок“ што УНОПС го спроведува во државата успешно ќе ја оствари целта за поддршка на Владата, зајакнувајќи ги капацитетите на администрацијата за интеграција на земјата во ЕУ.