Членството на нашата држава во Алијансата е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој денеска организираше прием во МНР, по повод Денот на НАТО.
Османи во своето обраќање ги истакна придобивките од членството на Македонија во НАТО, оценувајќи го како историски успех и најзначајно надворешно – политичко постигнување.
-Алијансата е поддржувач на евро-атлантска ориентација на нашиот регион, посветена на безбедноста и стабилноста на земјите од Западен Балкан, регион од стратегиско значење на НАТО, со кој има долга историја на соработка и спроведување на операции, кои го овозможија мирот и стабилноста. Вонредната ситуација на европскиот континент покажува дека проширувањето на ЕУ е првенствено безбедносна политика и затоа во оваа прилика упатуваме уште еден силен апел до Унијата за проактивен пристап и забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, што е од суштински интерес за зачувување на безбедноста на Европа, потенцираше Османи.
Воедно, министерот нагласи дека руската инвазија во Украина, придонесе за зајакнување на единството кај земјите членки, поголема соработка во насока на градењето отпорност и одвраќање на Алијансата од еминентните закани, како и зајакнување на соработката со земјите партнери на Алијансата.
На приемот учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски, но и високи владини функционери, претставници на дипломатскиот кор и други значајни институции во земјава.
-Одлучни сме во нашата осуда на руската нелегална инвазија на Украина. Ја почитуваме храброста на украинскиот народ со која ја бранат нивната држава, нивниот суверенитет и територијален интегритет. Целосно го поддржуваме фундаменталниот принцип дека сите земји имаат право да го изберат својот сопствен пат, своите надворешно – политички приоритети и безбедносни аранжмани, нагласи Ковачевски.
Дополнително, како што соопштија од МНР, со присутните гости беа разменети мислења за актуелни регионални теми и прашања од заеднички безбедносен интерес, хуманитарната криза предизвикана од војната во Украина и нејзиното влијание врз земјите членки на Алијансата, идните планови и способности за зајакнување на одбраната на НАТО, како и новиот Стратешки концепт кој ќе обезбеди подготвеност на НАТО да одговори на секој предизвик во современото безбедносно опкружување