Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска се сретна со амбасадорката на Австралија за Македонија Рут Стјуарт, на која било разговарано за европските интеграции на земјава и статусот на спроведените реформи, како и за потенцијалите за соработка помеѓу Македонија и Австралија во повеќе сегменти.
Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата истакнал дека С. Македонија е новата реалност на Балканот, односно земја која од длабока политичка криза стана лидер во регионот во спроведување на реформи за европска интеграција и земја која ги има затворено поголемите билатерални прашања со соседите.
Посочил дека создадениот т.н. „трак- рекорд“, односно видливи резултати од спроведените реформи се доказ за сработеното во рамки на евроинтегративниот процес.
– Во овој период, кога евроатлантската интеграција на земјава е веќе извесна, С. Македонија станува земја која е и политички и економски стабилна за странските инвеститори, а дополнително на тоа нуди конкурентска предност за привлекување на инвеститорите, со оглед на тоа што земјава располага со квалификуван кадар, изјавил Османи.
Османи и Стјуарт, се вели во соопштението, на средбата изразиле согласност дека билатералната соработка меѓу Македонија и Австралија има потенцијал да се прошири и продлабочи во повеќе сфери, при што биле акцентирани можностите за користење на австралиската билатерална развојна помош.
Тема на разговор било и интензивирањето на трговската размена, за која соговорниците се согласиле дека е на многу ниско ниво од само 9,7 милиони американски долари, и покрај зголемениот извоз на производи од земјава за 28 проценти.
На крајот, се вели во соопштението, било истакнато дека постои можност и за олеснување на визниот режим, што би било од големо значење за двете земји, како поради бројната македонска дијаспора во Австралија, така и во насока на подобрување на целокупната соработка помеѓу двете земји.