Евроатлантските интеграции на земјата, исполнувањето на обврските кои произлегуваат од Преспанскиот договор, грчката поддршка за отпочнување на преговорите за нашето членство во ЕУ, билатералната соработка меѓу двете земји, особено прекуграничната соработка која подолго време се реализира со средства од ИПА, како и можностите за регионална соработка, беа темите на кои денеска во Скопје се осврнаа вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и грчката алтернативна министерка за надворешни работи, Атанасиа Анагностопулу.
-Потпишувањето на Договорот од Преспа ја одбележа новата ера на билатерални односи помеѓу нашите земји, а периодот кој ни претстои ќе го одбележи новиот моментум во евроинтегративниот процес со очекуваната конфирмација на одлуката за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, истакна Османи, притоа посочувајќи дека напредокот во политичките односи помеѓу двете земји ќе се потврди со силната грчка поддршка во претстојниот период, пред јунските самити.
Османи и Анагностопулу разговараа и за можностите за соработка меѓу администрациите на двете земји за унапредување на соработката и размената на искуства во текот на подготовките на администрацијата и останатиот дел од преговарачката структура за успешен старт на преговорите со ЕУ.