Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој е во посета на Соединетите Американски Држави, го посетил Генералниот конзулат во Њу Џерси.
Министерството за надворешни работи соопшти дека Османи укажал дека давањето ефикасни услуги за нашите државјани низ светот е приоритет број еден.
– Се друго може да чека, нашите државјани да не чекаат, рекол Османи.
Во соопштението се наведува дека покрај другите конзуларни услуги, Конзулатот врши и издавање на нови патни исправи, при што во последно време се врши фотографирање на над 35 наши државјани дневно, за што Конзулатот работи во две смени и за време на викенд.
– Според извештајот на Конзулатот, бројот на барања за конзуларни услуги оваа година е значително поголем од лани. Од почетокот на 2024 година, до 22-ри февруари Конзулатот има издадено 49 полномоштва, 56 патни листови, 1 спроводница, 273 патни исправи и веќе има потврдено 1282 термини за сликање за нови патни исправи. Додека во текот на 2023 година, имаше вкупно 434 барања за патни исправи, 136 патни листови, 4 полномоштва и 18 спроводници, се наведува во соопштението.
Минатата недела, како што информира МНР, Османи остварил посети и на дипломатско-конзуларните претставништва во Бон, Минхен, Берн, Венеција, Виена и Брисел.
Фото: МНР