Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска во Виена учествуваше на состанокот на министри задолжени за европски прашања од земјите од Западен Балкан, под покровителство на сојузниот министер за европски прашања на Австрија при канцеларијата на сојузниот канцелар, Гернот Блумел, кој беше посветен на предизвиците со кои се соочува Европската Унија во создавањето на иднината на Европа, се наведува во соопштението на СЕП.
-Сите ние, земји кандидати за членство во ЕУ, имаме амбиција, но и заедничка цел да бидеме дел од ЕУ, бидејќи само стабилен, безбеден и просперитетен Балкан е силен гарант за стабилна, безбедна и просперитетна Европа во целина, изјави Османи на средбата.
Тој посочи дека земјите од Западен Балкан не само географски, туку и политички и културно, отсекогаш претставувале дел од Европа.
-Во регионот има нова реалност наречена Република Северна Македонија. Тоа е земја која недвосмислено станува 30-та членка на НАТО, која има реални очекувања уште оваа година да ги почне преговорите за членство во Европската Унија; тоа е земја која прераснува во пример за организирана мултикултурна, мултиетничка и мултијазична функционална демократија, истакна Османи, посочувајќи дека земјава веќе нема ниту едно отворено прашање со соседите, но и дека успеа да ги затвори сите поголеми отворени прашања и внатре, дома.
Османи се надева дека нашата успешна приказна ќе претставува поттик и за останатите земји од регионот.
-Тука секако особено мислам и на Косово и Србија, за проширување на нивните политички видици, оставајќи повеќе простор за компромис, позитивен пристап и дипломатска политичка волја за окончување и на нивниот спор, истакна вицепремиерот, посочувајќи го решавањето на спорот Приштина – Белград како најтежок, најкомплексен, но и во моментов најважен приоритет во регионот.
Османи изрази посебна благодарност до домаќинот, Блумел, прво за одржувањето на состанокот, создавајќи можност сите министри заеднички на едно место да ги споделат своите идеи, визии и очекувања во врска со развој на Европската унија во иднина, но севкупно, и благодарност до Австрија за огромната поддршка на земјите од Западен Балкан во аспирациите за членство во ЕУ, особено во рамките на нивното претседателство со Унијата, ставајќи го напредокот на регионот како еден од најважните приоритети на ЕУ.