Ова е декадата на членството на Западен Балкан, односно одредени земји меѓу кои и Северна Македонија во Европската унија. Тоа значи плус, минус флексибилност во зависност од внатрешни динамики, регионални и геополитички, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Коментирајќи ја вчерашната изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека Македонија ќе стане членка во ЕУ за три-четири години, Османи во „Топ тема“ на ТВ Телма, порача дека државите кандидати би ги имале сите привилегии од членството во ЕУ и пред самото членство, а новиот пристап и забрзаната трака, според него, дава солидна основа на тоа што Ахмети го кажува.
-Мислам дека господинот Ахмети има одлично разбирање за геополитичкиот контекст и регионалните динамики, оттука неговите прогнози треба сериозно да се земат предвид, порача Османи.
Во однос на предлог-уставните амандмани, Османи истакна дека овој предлог на уставни измени покажа дека на најдобар начин се штитат нашите позиции во однос на односот на малцинската бугарска заедница во земјава во однос на останатите заедници.
-Формално се дефинира кој е кој, што е што, имаме мнозински македонски народ и имаме делови од други народи кои живеат овде во подеднакви услови, вклучувајќи ја и бугарската заедница, посочи Османи.
На прашањето дали ќе се чека утрешната лидерска средба за уставните измени да бидат поминати влада и потоа испратени во Собранието, тој кажа дека би било добро да има позитивен исход таа средба, во спротивно, кажа, „опозицијата би испуштила историска шанса барем еднаш во поновата историја на оваа држава да придонесе во важни државни процеси кои носат стабилност и иднина“.
Тој истакна дека за првпат идејата за внесување на Бугарите во Уставот тој ја слушнал од висок претставник на ВМРО – ДПМНЕ и „така е родена таа идеја за решавање на односите со Бугарија“, без да открие за кого точно станува збор.
Тој рече дека се уште стои предлогот на маса, доколку опозицијата ги изгласа уставните измени истиот ден да се распишат предвремени парламентарни избори.
Османи додаде и дека Бугарија не може да додаде услови во преговарачката рамка, бидејќи, како што рече, „никој не може да преговара преговарачка рамка“.
-Јас гарантирам дека Бугарија нема да може да додаде ниту едно друго барање од тоа што е во преговарачката рамка, заклучи Османи.