Основниот суд Скопје 1 соопшти дека не може поинаку да го разбере освен како обид за директно мешање во независноста на судот барањето на Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов до овој Суд да му достави службени белешки од МВР – УБК кои се дел од заведен судски предмет.
Во таа смисла Основниот суд Скопје 1 денеска, како што информира, до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија доставил известување со кое бара судот да биде известен дали барањето е лично од претседателот или од друго лице во Кабинетот на Претседателот на РМ кое е потпишано на барањето.
– Воедно истакната е и потребата да се појасни од кои причини се бара на увид службена белешка и од каде Претседателот на Република Македонија ја црпи надлежноста да бара увид во судски докази и тоа во фаза на постапување по поднесен обвинителен акт и определни мерки за обезбедување присуство. За судот е важно да се обезбеди и истакне независноста во судското постапување и немешање во судските одлуки, пишува во соопштението на Основен суд Скопје 1.