Основниот суд Струга го осуди гинекологот Мухамед Асани, поранешен директор на струшката болница, на условна казна од 4 години ако нестори кривично дело.
Тој е осуден за давање здравствени услуги без дозвола за работа затоа што во својата семејна куќа во нерегистрирана ординација како здравствен работник специјалист по гинекологија и акушерство, прегледувал пациентки и водел бремености од 2015 до 2020 година.
„Му се утврдува казна затвор во траење од 2 години и истовремено се определува дека таа нема да се изврши ако осудениот во рок од 4 години не стори ново кривично дело“, стои во пресудата.
Според пресудата од декември 2022 година, до која дошле „Слободен печат“, доктор Асани во просториите на неговата семејна куќа во Струга, на приземје опремил ординација која не била регистрирана и означена и таму, од 2015 до 2020 година, водел контроли на бременост на пациентката Јилдз Веапоска како и на други две жени кои сведочеле на суд во поткрепа на таквите факти.
Со опишаните дејствија тој сторил кривично дело давање здравствени услуги без дозвола за работа и судот му изрече условна осуда.
Асани се товареше за несовесно лекување и вадење органи на родилката Веапоска.
Според обвинението како што информира ОЈО, првообвинетиот како лекар – специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како лекар – специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како лекар – гинеколог акушер, вработени во Јавната здравствена установа – Медицински центар – Струга, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентка – родилка од Дебар, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.
На друга жена која сведочела во судница, исто така во домашната нерегистрирана ординација Асани и наплаќал по четири или пет илјади денари од преглед за земање брисеви по контрола.
И трета жена, според наведеното во пресудата, сведочела дека Асани во домашната нерегистрирана ординација и ја водел бременоста. Таа изјавила дека забележала дека во близина на куќата стоел натпис ,,Вила Мети”.
Асани се бранел дека имало изјави на сведоци после долга низа години кои имале личен мотив против него и биле семејно поврзани.
Но, судот оваа одбрана не ја прифатил, затоа што се работи за одделен случај. Станува збор за судски спор кој во моментот се наоѓа во струшкиот Основен суд, каде Асани заедно со неговиот син и уште една лекарка, се обвинети за отстранувањето на три здрави органи на родилката Веапоска-матката, бубрегот и јајникот.
Првичното вештачење од Институтот за судска медицина покажа дека при царскиот рез, на Веапоска и била пробиена надбубрежната артерија, што довело до внатрешно крвавење и влошување на здравјето до степен да падне во шокова состојба и да и бидат извадени и матката, и бубрегот и јајникот. На 10 март во 10 часот продолжува судењето за тој случај.