Стотина велосипедисти од повеќе градови во државата учествуваа на четвртото издание на планинската велосипедска тура „Осоговска авантура“, што ја организираше велосипедската група МТБ „Исток“ од Кочани.
Учесниците успешно ја поминаа патеката од Пониква до Царев Врв, со должина од 40 километри и со висинска разлика од илјада метри.
– Годинава должината е малку скратена поради условите создадени со пандемијата. Настанот „Осоговска авантура“ придонесува за поголема промоција на планинскиот велосипедизам на Осоговските Планини. Учесниците во оваа велосипедска тура можат да уживаат во убавините на Осоговијата и да го видат Царев Врв, кој е втор по височина во источниот дел на државата, истакна Панче Зафиров од МТБ „Исток“.
Планинската тура е наменета за растечката заедница рекреативци кои спортуваат со планински велосипеди, а главна цел за организирањето е да им се доближат природните убавини на Осоговието и потенцијалите за планински спортови во овој крај.
– Пониква и целата Осоговија добиваат нови димензии, па покрај убавите услови за зимските спортови, даваат можности за планински велосипедизам. Со изградбата на велосипедските патеки од Кочани до Пониква и на планинарскиот дом, создаваме нови можности планината да биде атрактивна 365 дена во годината. Да уживаме во убавините на природата и да ги чуваме, истакна на отворањето на настанот Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Велосипедската тура „Осоговска авантура“ се реализира со финансиска поддршка од Општина Кочани, а е дел од програмата за одбележување на Петровден – празникот на градот.