Во Скопје, како што соопштуваат од МЖСПП, на 25 и 26 декември се измерени повеќе од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, со што се надминува прагот на алармирање
Поради тоа, во Скопје стапуваат на сила мерките и препораките поради зголеменото аерозагадување, односно поради зголемената концентрација на ПМ 10 честички во текот на два последователни дена, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Во двата дена, како што соопштуваат од Министерството, на 25 и 26 декември се измерени повеќе од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, со што се надминува прагот на алармирање.
Мерните станици во Лисиче и Ректорат вчера измериле 229, односно 169 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, а во понеделникот нивната концентрација била 211 микрограми на кубен метар.
Поради зголеменото аерозагадување, се препорачува работодавците да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Се препорачува и реорганизирање на работното време, а лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
Дел од препораките се и да не се организираат спортски и други манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Во делот од мерките, се посочува Владата да ги задолжи сите органи на државна управа и единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила, како и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.