Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков останува во притвор. Скопскиот Кривичен суд ја одби неговата гаранција вредна од скоро 11 милиони евра. На одлуката на Судот, не влијаеше ниту тоа што ЈО за организиран криминал се согласи Мијалков по поминати два и пол месеца зад решетки, да може го напушти истражниот затвор.
„Кривичниот совет не се согласува со проценктата на обвинителството дека висината на понудената гаранција претставува доволен основ за замена на мерката притвор со гаранција“, наведуваат од Кривичен.
Кривичниот суд одлуката ја образоложува и со тоа што Мијалков е осуден за прислушување и тоа на 12 години затвор, додека за набавката на опремата за прислушување за тајната полиција, осуден е на други осум години. Дополнително против него е поднесено и обвинение за случајот „Плацеви на Водно“. Според Кривичниот суд, пресудно да се одбие жалбата на Мијалков било и тоа што на претходните две понудени гаранции, ЈО дало негативно мислење. Судот го посочува и мистериозното бегство на Мијалков во февруари, кога полицијата го бараше со меѓународна потерница, а потоа самиот се појави во Обвинителството.
„Обвинетиот по определување на мерката куќен притвор во предметот „Таргет – Тврдина“ повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогонот, што води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на мерката притвор, може повторно да биде недостапен“, велат од Кривичен.
По одлуката на Кривичниот совет, Мијалков и адвокатите сега имаат три дена за да се жалат пред скопска Апелација.