САД во наредните недели ќе почнат да ги обучуваат украинските сили за тоа како да ги користат и одржуваат тенковите „Абрамс“, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Кон крајот на состанокот на претставниците на членовите на Контакт групата за одбрана на Украина, во американската воздухопловна база Рамштајн на југот на Германија, Остин им изјави на новинарите дека испораката на тенкови за обука во Украина во следните неколку недели претставува „огромен напредок“.

„Уверен сум дека оваа опрема и обуката што ја придружува, ќе ги доведе украинските сили во позиција да продолжат да постигнуваат успех на бојното поле“, рече Остин.

Главна тема на состанокот во американската база Рамштајн, каде се собраа претставници од околу 50 земји, членки на НАТО и нивните партнери, беше координацијата на испораката на оружје и друга опрема во Украина, со цел подобро да се спротивстави на руската инвазија.

Официјални претставници соопштија дека 31 тенк ќе пристигнат во центарот за обука Графенвер во Германија на крајот на мај и дека обуката за украинските сили ќе започне неколку недели подоцна и ќе трае околу 10 недели.

Обуката треба да ја поминат околу 250 украински војници, од кои некои ќе научат да управуваат со тенкови, а други да ги поправаат и одржуваат. По првите 10 недели можна е дополнителна обука за борба и маневрирање со тенкови.