Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот.
Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага.