Стотици локални жители беа принудени да ги напуштат своите домови откако вооружените исламисти од Ал Шаабаб денеска за кратко време освоија една област и зазедоа воена база во централната сомалиска држава Галмудуг, за ДПА изјави старешини на местото и армиски извори.
-Има потврда дека најмалку 18 лица се убиени во нападот утринава од тешко вооружени бунтовници врз армиска база во областа Амара, во провинцијата Мудуг, изјави за ДПА високиот сомалиски командант Масуд Варшаме.
Терористите упаднале во базата по самоубиствениот напад со автомобил-бомба, што бил проследен со жестока битка, при што загинале најмалку седум војници.
Бомбашот-самоубиец се разнел со автомобилот на влезот на базата, за потоа во неа да влезат вооружените борци.
Армијата не сакаше да потврди дека областа Амара е целосно падната во рацете на исламистите.
-Убивме девет милитанти и загубивме седум војници. Борбите се уште траат во и околу областа Амара, особено во пошумените области, изјави воениот претставник за ДПА.
Локалниот старешина Мохамуд Џама изјави дека ги видел телата на двајца цивили откако минофрлач го погодил нивниот дом, со што бројот на жртвите се зголеми на 18. Џама додаде дека силните експлозии и истрели од огнено оружје ја направиле ситуацијата несигурна за многу жители, принудувајќи ги да избегаат со своите деца.
– Фирмите и училиштето се затворени, а стотици жители се преселија во предградијата на областа, рече тој.
Ал-Шабаб на својата радио станица „Андалус“ соопшти дека сомалиската армија „претрпела големи загуби“ и дека нејзините борци заплениле оружје, муниција и уништиле воени возила додека ги запалиле армиските бараки.
ДПА, меѓутоа, не можеше да го потврди нивото тврдење од независен извор.