Пандемијата на коронавирусот во крајна сиромаштија доведе 80 милиони луѓе од азиските земји во развој, покажува извештајот на Азиската банка за развој (АДБ), што беше објавен денеска.

„Пандемијата од минатата година турна 75 до 80 милиони лица во екстремна сиромаштија во земјите во развој во Азија, во споредба со тоа што би се случило без Ковид-19“, се наведува во документот на банката.

Според методологијата на АДБ, луѓето кои живеат со помалку од 1,9 долари дневно се екстремно сиромашни.

“Од 2017 година, околу 203 милиони лица или 5,2 проценти од населението на земјите во развој во Азија, живееат во екстремна сиромаштија. Без Ковид-19 оваа бројка во 2020 година ќе се намалеше на 2,6 проценти”, пресметале авторите на извештајот.

-Азиско-пацифичкиот регион постигна импресивен напредок, но пандемијата откри социо-економски расцеп што може да го ослаби одржливиот и инклузивен развој, оцени главниот економист на АДБ, Јасузуки Савада.