Оперативно-техничката агенција – ОТА во моментов активно следи 159 комуникации, а постои можност некои од нив да се поврзани со најновиот случај „Рекет“, изјави денеска директорот на ОТА, Зоран Ангеловски.
Во посета на ОТА денеска беше собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, со која претседава пратеникот Емил Димитриев.
ОТА од почетокот на годината следела 258 комуникации, од кои 159 се се уште активни. Следењето на комуникациите е максимално безбедно и не може да случи истекување на разговорите, беше истакнато на денешната прес-конференција по посетата.
На прашањето дали од тие 159 активно следни комуникацвии има и такви за случајот „Рекет“, Ангеловски нагласи дека ОТА нема увид во идентитетот на лицата што се следат.
– Иако барањата за следење на комуникациите ОТА ги добива со скриен идентитет, веројатно има и од тие телефонски броеви. Претпоставувам дека ако Судот или Обвинителството кажало дека ПИ мерките се активирани, тоа значи дека тие ПИ мерки одат преку ОТА. Со сигурност не можам да ви кажам бидејќи не е работа на ОТА за тоа кој е следен, рече Ангеловски.
Ангеловски истакна дека ОТА се залага за максимална транспаретност и контрола во својата работа.
– Внатрешни контроли правиме на еден месец. Се е максимално чисто и максимално транспарентно. Работиме законски по судска наредба, рече тој.
Ангеловски додаде дека најголем број барања за следење на комуникациите се пристигнати од Бирото за јавна безбедност и од УБК.
Димитриев нагласи дека нивната главна цел е комуникациите да бидат покриени со соодветна судска наредба.
Истакна дека се во исчекување на потпишување договор за ангажирање ИТ експерт, кој е веќе селектиран. Комисијата само врши избор и тој е направен пред два месеци, се чека потписот на претседателот на Собранието.
– Чекавме да завршат изборите бидејќи во текот на кампањата не може да се ангажира било какво лице. Веднаш по изборите направивме рангирање врз основа на интервјуата, и е избрано едно лице за технички експерт, кое има магистрирано компјутерска форензика во Ирска, но за жал два месеци чекаме одговор од раководството на Собранието, кога на тоа лице ќе му биде потпишан договор за консултантски услуги, второто место ќе го реобјавиме, наша намера беше да стимулираме апликации и од етничките заедници, истакна Димитриев.
Додаде сепак, дека и во присуство на технички експерти, стопроцентна сигурност не моќе да биде гарантирана.
– Без технички експерт сме во незгодна ситуација, го гледаме само визуелно и механички она што значи наредба, внесување во систем за слушање, а техничкиот експерт ќе може да влезе и во електронскиот дел, да го провери тоа реално дали е така, рече тој.
За сите следени комуникации, Комисијата утврдила дека ОТА поседува уредна судска наредба.
Во однос на се поголем број прислушувани телефонски разговори истечени во јавноста, и кои се мотивите за тоа, и Ангеловски и Димитриев согласни дека постојат количини телефонски разговори што се надвор од контрола.
– Имаме количини телефонски разговори што се надвор од контрола. Оние телефонски разговори што ги има СЈО верувам дека со соодветни процедури го имаат заштитено кај нив, но никој не може да каже дали е се што постои. Мотивите се секогаш различни, некогаш се политички, некогаш се лукративни. Со вакви телефонски разговори ќе се соочуваме уште долго време. Она што можеме да го гарантираме дека актуелниот систем што е во ОТА е комплетно максимално безбеден, и не може такво нешто да ни се случи, рече Ангеловски.
Димитриев од своја страна оцени дека епизодата со т.н. бомби мораше да го предвиди текот на тоа, многу работи се вон контрола и тешко може да се претпостави кога тоа ќе заврши.
– Како држава мора да осмислиме начин ако нешто не е до крај регулирано, во делот на употреба на тие материјали, да се дорегулира, бидејќи влегуваат во елементарните човекови права, особено ако се има предвид дека на тоа не се гледа крајот. Бројни се шпекулациите дека на пазар можат да се најдат такви материјали и да се користат за различни цели. Ова е област кон која внимателно да се пристапи и да се најдат механизми како да не се повторуваат во иднина, рече Димитриев.