ПОСТ НА МАСЛО за утрешниот празник ОТСЕКУВАЊЕ НА ГЛАВАТА НА СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Отец Љупчо ПЕТРЕСКИ

Секоја година за утрешниот празник Отсекување на главата на св. Јован Крстител, на површина излегуваат одредени недоумици околу правилното чествување, постење и нејадење храна со црвена боја. За да нема многу забуни околу оваа проблематика, еве, накратко, да ги разјасниме овие недоумици во врска со утрешниот празник.

Имено, кај нашиот народ „општопознато“ е дека на овој празник постот е строг (без масло), но имајќи го предвид 66-то Апостолско правило кое вели: „Ако некој клирик пости во денот Господов или во сабота (освен една единствена Велика Сабота), нека се расчини, а ако е мирјанин нека се одлачи (од Црквата)“, заклучуваме дека на утрешниот празник не се пости без масло туку ПОСТОТ Е НА МАСЛО!!! Доколку овој празник паднеше во деновите од понеделник до петок, тогаш постот ќе беше без масло.

Исто така, треба да знаеме дека обичајот според кој не треба да се јаде храна со црвена боја (домати, лубеница, запржено гравче …) на овој празник (било кога да се падне) нема верска основа и нема никаква оправданост според православното учење. Народот ја „поврзал“ храната со црвена боја со пролеаната Јованова крв, но тоа влегува во сферата на народните обичаи и верувања и нема основа во црковното учење.

Најважно од се’ при дочекот на празниците за секој верник треба да биде причестувањето со Телото и Крвта Христови на Светата Литургија. Стремежот и целта при празнувањето на секој празник треба да биде причестувањето со Светите Тајни Христови. Без остварување на оваа цел, не може да стане збор за верско и побожно чествување на празникот и славење на Бога.