otОбвинителството за организиран криминал и корупција ја отфрли тужбата на градоначалникот на Тетово Билал Касами против поранешната градоначалничка Теута Арифи за злоупотреба на службената положба, објави Тетова сот.
Касами рече дека отфрлањето на тужбата е резултат на изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција. Тој додаде дека за овој случај ги информирал сите странски амбасади во земјава и дека е потребна поагресивна интервенција на САД за борба против корупцијата.
Ова го објави локалниот информативен портал на албански јазик Тетова сот (Тетово денес), пренесува порталот Експрес.
– Како за иронија на судбината, во петокот минатата недела од Обвинителството за организиран криминал го добивме првиот одговор дека е отфрлена тужбата, што општина Тетово ја поднесе против Теута Арифи, потпретседателката на ДУИ. Значи, излезе резултатот на обвинителот од Зајас: таа тужба се чуваше во фиоки шест месеци и кога тој дојде веднаш ја одби. За ова беа известени амбасадите, поточно американската амбасада. Силно веруваме дека само со поагресивна интервенција, како што се искажаа тие, ќе може да се стави под контрола корупцијата и злоупотребата на положбата во земјата, нагласува Касами.
Станува збор за предметот во врска со договорите за дело.
– Образложението на Обвинителството за организиран криминал е апсурдно, незаконско. Се образложува дека тоа не се буџетски пари, туку оти се општински пари, како да не се овие општински финансиски средства пари на граѓаните, рече Касами.