Тринаесетгодишно девојче од Грција викендов се породило во тоалет на болница на островот Наксос, каде што било примено поради болки во стомакот. Не ни знаела дека е бремена, а и таа и бебето се добро.

Минатата сабота родителите ја однеле на ургентниот центар на болницата поради силни болки во стомакот, кои ги препишале на хроничен запек.

Педијатарот ѝ дал клизма за да се олесни, како што е пропишано во овие случаи. Но, кога докторот сфатил дека девојчето не излегува од тоалетот, отишол да ја провери и тогаш го видел бебето во мијалникот и папочната врвца како висат.

Потоа, девојчето било префрлено во болницата „Сирос“, каде што моментно е со бебето.

„Прототема“ пишува дека во болницата на Наксос немало ниту радиолог поради што малолетничката не била подложена на ултразвук пред да се породи.

Семејството е постојано покрај неа.

„Таа е преплашена, но ја следат детски психолози. Замислете детето да каже дека го боли стомакот, а да заврши со породување. Породувањето почна кога таа отиде во тоалет во болницата“, вели роднина на семејството.

Девојчето било кај педијатарот за време на бременоста, но никој не сфатил дека е бремена.

„Неодамна забележавме дека малку се здебелила, но не ѝ придававме никаква важност“, рекла роднината.

Како што пренесува „Мега“, малолетничката им открила на детските психолози дека таткото на нејзиното бебе е нејзин школски другар, но нејзините блиски рекле дека не знаат ништо за тоа.