Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски донесе Решение за престанок на работниот однос на лицето Емил Јакимовски поради, како што соопштија доцна синоќа од оваа институција, суштествени повреди на одредбите од Колективниот договор на Централниот регистар.
За Јакимовски во изминатиот период имаше објави дека преку Интернет упатувал закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска, како и кон директорката на Централниот регистар и вработени во оваа институција.
– Емил Јакимовски ги повредил и прекршил одредбите од неговиот Договор за вработување, според кои, иако вработениот задолжително треба да го чува, сепак не го чувал угледот на работодавачот и не се воздржувал од сите постапки кои со оглед на природата на работата што ја врши се штетни или ги повредуваат интересите на работодавачот, професионално не се однесувал кон другите вработени и странките, не ја респектирал хиерархијата и не се однесувал согласно Кодексот на однесување на работодавачот и пропишаните правила за ред и дисциплина кај работодавачот, соопшти Централниот регистар.
По објавите за заканите од Јакимовски кон новинарките уследија реакции со барања за одговорност од новинарските здруженија и асоцијациии, а техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев побара тие во СВР – Скопје да ги пријават случаите и да донесат материјалните докази со цел итно процесуирање во Основното јавно обвинителство.
Претходно од Централниот регистар информираа дека поради нарушување на работниот ред и дисциплина, како и закани кон вработени во оваа институција против Јакимовски е отворена дисциплинска постапка, но оти нема одлука бидејќи тој веќе неколку месеци е на боледување.
Како што соопштија, во изминатиот период во МВР имало повеќе пријави од вработени во Централниот регистар поради закани од истото лице, а пријава поднела и директорката на Централен регистар, Марија Бошковска Јанковски.
Од Централниот регистар вчера соопштија и дека нивната фан страна на социјалната мрежа Фејсбук е хакирана и замолија содржините кои ќе бидат објавувани од таа страна граѓаните да ги игнорираат, бидејќи како што велат, не се нивен став.
– Фан страната на Фејсбук, како што информираа, е искреирана уште пред 10 години од лицето Емил Јакимовски во времето кога тој бил раководител на Одделението за маркетинг и односи со јавност. Централен регистар се сомнева дека ова лице стои зад постовите кои се појавија на фан страната на социјалната мрежа Фејсбук во изминатото деноноќие.