Со одлука на министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас и алтернативниот министер Василис Кондозаманис, од 1 септември се отповикуваат сите редовни годишни одмори на сите вработени во болниците, брзата помош, во Националната организација за јавно здравје, како и во јавните установи за примарна здравствена заштита, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретното цилкуларно писмо, кое го објавуваат грчките медиуми е со денешен датум и потпишан од Кикиљас и Кондозаманис.
Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека целта е здравствениот систем да биде оперативно подготвен, бидејќи според експертите земјата е веќе во четвртиот бран, а „првата половина од септември се смета за клучна за управувањето со пандемијата, со оглед на тоа дека граѓаните се враќаат одмор и се отвораат активности во општеството“.
Паралелно, од 1 септември стапува во сила и одлуката на грчката Влада за задолжителна вакцинација на здравствените работници, а во спротивно предвиден е принуден, неплатен одмор.
Во изминатите 24 часа во Грција е регистрирано дополнително зголемување на пациентите приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега, вкупно 332 односно шест повеќе од вчера, а зголемен е и бројот на починати лица, вкупно 42.
Согласно денешните податоци од Националната организација за јавно здравје, регистрирани се 3.273 нови случаи на Ковид-19 од 93.988 направени тестови (17.144 ПЦР и 76.844 рапид).