Учениците и наставниците ќе треба да се тестираат за коронавирус три пати неделно, без оглед дали се веќе вакцинирани или не, во текот на првите три недели од учебната година во Австрија.

По овој прв чекор, мерките за коронавирусот ќе бидат одредени во зависност од регионалната инциденца на инфекција, изјави денеска австрискиот министер за образование Хајнц Фасман.

Тестови потоа ќе се вршат само на доброволна основа, сè додека седумдневната инциденца на 100.000 жители е под 100.

Маските ќе бидат задолжителни на отворено ако инциденцата е помеѓу 100 и 199 и мора да се користат во училници во случај на повисока стапка.

Во моментов, инциденцата е над 100 во четири австриски провинции, и помала во останатите пет. Меѓу децата и тинејџерите, таа е значително повисока од вкупната популација.

Учебната година почнува на 6 септември во источна Австрија и една недела подоцна во остатокот од земјата.

Брзи антигени тестови веќе беа користени во училиштата минатата година. Меѓутоа, сега, еден од трите неделни тестови ќе биде со ПЦР метода (полимеразна верижна реакција).

– Со ова добиваме сигурност, рече Фасман.

Покрај тоа, се следат трендовите на заразата, меѓу другото, со примероци од отпадни води од постројките за третман на отпадни води. Мерките се со цел да се спречи ново затворање на училиштата.