Боинг ќе почне со исплаќање на 50 милиони американски долари финансиска помош на семејствата на повеќе од 340 жртви од две авионски несреќи на Боинг 737 Макс, објави компанијата.

Боинг ќе инвестира уште 50 милиони долари во образование и економска поддршка за заедниците на жртвите.

На секое семејство од 346-те загинати на летовите 610 на Лион Ер и 302 на Етиопија ерлајнс, Боинг ќе исплати до 144.500 долари.

Жртвите на двете катастрофи се од 35 држави, вклучително и девет државјани на САД и 19 Канаѓани. Сепак, сите семејства не одговорија позитивно.

Претставник на десетина семејства, чии членови загинаа во авионска несреќа во Етиопија, за Си-Ен-Ен изјави дека компензацијата на Боинг е „несоодветна и нејасно формулирана“.

Боинг претходно соопшти дека семејствата кои прифаќаат финансиска помош нема да мора да се откажат од своето право да поднесат тужба против Боинг.