Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе го посетат граничниот премин Табановце во рамките на проектот на Стопанската комора за следење на протокот на стоки на овој граничен, што започна на 1 јули а ќе трае до 31 август оваа година.
На овој граничен премин не помага ни Отворен Балкан, каде од вчера има долга колона од камиони кои чекаат влез во земјава. Како што објавивме вчера колоната беше 20-тина километри, а според некои проценки за да се расчисти се потребни два-три дена.
Како што се наведува во соопштението Комората, како дел од активностите во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ за подобрување на условите за работа на компаниите во регионот и за олеснување на увозот и на извозот на стоки, како и на слободното движење на трудот и на капиталот, со свои вработени е директно присутна на најфреквентниот граничен премин во нашата држава, на којшто само во јуни и во јули во двата правци границата ја поминале вкупно околу еден милион патници.
Во текот на јули вработените во Комората на „Табановце“, како што наведуваат од Комората констатираа: секој ден просечно по 40-ина камиони чекаат на преминот; за товарни возила во функција е само една лента; во екот на летната сезона и лентата за „Отворен Балкан“ е во функција за патничките возила, а камионите се оставени да чекаат; секојдневните прекини во напојувањето со електрична енергија, без можност за автоматско вклучување на агрегатите, ги блокираат системите и дека на граничниот премин во колоната нема услови за одвојување на полните од празните камиони кои непотребно се задржуваат.
На средбата освен претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе присуствуваат и директорите на Царинската управа и на Агенцијата за храна и ветеринарство, Славица Кутиров и Николче Бабовски.
Од Комората најавуваат дека Азески и министерот Спасовски, по завршувањето на активностите на „Табановце“, ќе реализираат уште една средба, на која ќе се согледаат можностите за поедноставување на сложената процедура за регулирање на престојот и на работата за странците во Република Македонија. Средбата ќе се случи по констатираните проблеми од компаниите членки во Советот на странски инвеститори во изминатиот период, како и по проблемите поврзани со регулирањето на престојот на странските државјани од определени земји, кои не можат да го регулираат својот престој поради административни пречки, чии причини не се познати, а инвеститорите имаат потреба од нив поради инвестиции, сервисирање опрема и слично.