Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) информира дека е отворена предстечајна постапка на ДГ Бетон АД Скопје. Апелира сите работници и доверители во наредниот период да се приклучат кон постапката и да се информираат во Основниот граѓански суд Скопје. Најавува дека Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија – СГИП во наредните денови ќе ги информира членовите на синдикатот на кој начин да ги остварат своите побарувања од ДГ БЕТОН АД Скопје.
Како што соопшти ССМ, Основниот граѓански суд Скопје по предлог на СГИП и синдикалците и работниците од ДГ Бетон АД Скопје на 1 ноември донел Решение со кое се поведува претходна постапка за испитување на условите за отварање стечајна постапка на должникот ДГ БЕТОН АД Скопје.
Со Решението, укажува ССМ, се определува општа забрана за располагање со имотот на должникот, се забранува одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот, се забранува исплати од сметките на должникот, се повикуваат должниците на должникот своите обврски да ги исполнуваат, итн. Постапувајќи по предлогот за отварање на стечајна постапка, судот оценил дека во конкретниот случај се исполнети условите за поведување на стечајна постапка.
Со вака донесеното Решение, газдите веќе не се газди и тие сега исто како и работниците ќе треба да чекаат некој друг во случајот привремениот стечаен управник да им дава согласност и да одлучува место нив, а работниците и синдикалците заедно со синдикатот СГИП при ССМ очекуваат голема ефикасност и одговорност од страна на привремениот стечаен управник и судот во постапувањето по предметот и заштита на нивните интереси како доверители. Апелираме сите работници и доверители во наредниот период да се приклучат кон постапката и да се информираат во Основниот граѓански суд Скопје, а синдикатот СГИП во наредните денови ќе ги информира членовите на синдикатот на кој начин да ги остварат своите побарувања од ДГ БЕТОН АД Скопје, стои во соопштението.
Според ССМ, ДГ Бетон АД Скопје на работниците им должи шест неисплатени бруто плати, регрес за годишен одмор за 2021-ва и 2022-ра година, а сметките му се блокирани повеќе од 45 дена што беше и главна причина работниците своите права да ги остварат пред суд.
Наместо во декември годинава работодавачот заедно со работниците да прослави јубилеј од 75 години постоење, дочека стечај на компанијата поради лошото менаџирање и покрај сите напори на Синдикатот да се изнајде решение за состојбата во која се наоѓаат работниците, оценува ССМ.