Со акростихот „Т’га за југ“ министерката за култура Ирена Стефоска го отвори 60. јубилејно издание на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата. Осврнувајќи се на поими карактеристични за Струга, обраќањето им го посвети на поетите, посакувајќи им уште многу стихови и успешни години на Струшките вечери на поезијата.

На манифестацијата на која низ годините присуствувале Блаже Конески, Десанка Максимовиќ, Вознесенски, Оден, Диздар, Гинсберг, Гилвик, Падрон, Хјуз, и многу други, како што рече Стефоска, останаа нивните зборови и празни страници за уште поети.

-Јагулата тргнува на своето свадбено патување минувајќи среде овој град. Утеха од најдолгиот пат ѝ е нејзината рожба. Ќе се врати таа како што се враќа и поетот во градот на Миладиновци. Секоја година, во исто време, истакна Стефоска.

Најстариот поетски фестивал, според традицијата почна со интерпретација на Константиновата „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган, а поетските читања почнаа со манифестацијата „Меридијани“.

На социјалните мрежи веднаш реагираа заинтересирани кои го следеле отворање, истакнувајќи дека е срамота што „Т’га за југ“, со која традиционално се отвораат вечерите, била читана така што првата строфа била прочитана на македонски јазик, втората на албански, третата на англиски јазик…

Така, Елка Јачева Улчар од Институтот за амкеоднски јазик „Крсте Петков Мисирков“ истакна:

Т’га за југ е кажана вака: прва строфа на македонски, втора строфа на албански, трета строфа на англиски… и натаму не гледав…“.

Живко Деспотовски на ова додаде дека „ова погубно сценарио зпаочна во 2019 година и тогаш го напуштивме отворањето“.

Претходно Улчар напиша:

„Во Македонија на меѓународни манифестации според Уставот на РМ официјален јазик е единствено МАКЕДОНСКИОТ! Струшките вечери на поезијата не се општинска манифестација, ами меѓународна НАЦИОНАЛНА (ЗА МАКЕДОНЦИТЕ) манифестација. Срам да ви е СДС! Срам и арам!“

На ова се надоврза и проф. Виолета Ачковска:

„Ништо не ме чуди. Ова се знаеше одамна, ама шарениот филм сите ги забудали. И некои се сеуште во филмот

Инаку, на јубилејното издание, кое се одржува под посебни протоколи поради пандемијата на Ковид – 19, учествуваат 30-тина поети од Австрија, Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Естонија, Индија, Италија, Литванија, Косово, Монголија, Палестина, САД, Словенија, Србија, Унгарија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Швајцарија.  Дел од нив меѓу кои и добитникот на Златниот венец британската поетеса Керол Ен Дафи, имаа видео читања.

Годинашниот лауреат во своето видеообраќање на отворањето на Фестивалот изрази задоволство што токму таа е добитник на Златниот венец и им се придружи на врвни поетски имиња, од кои читала поезија.

-Во овие сурови и мрачни времиња на светот, трогната сум што пред мојот праг го наоѓам сјајот на Златниот венец. Тоа што им се придружувам на поети, кои толку многу ми значеле во текот на целиот мој живот, како читателка и писателка е извонреден подарок за којшто сум многу благодарна, оваа прекрасна награда од Струга ми го врати духот и радосна сум што сум добредојдена во оваа голема македонска традиција на вреднување на поезијата, рече Ен Дафи.

Осврнувајќи се на своите почетоци и љубовта кон поезијата, кои како што посочи, биле наметнати од нејзината мајка, која постојано и читала поезија, детски песнички истакна дека на поезијата гледа на многу различни начини.

-На поезијата гледам на многу различни начини, некои од нив се противречни, а еден од нив е како штафета што се пренесува низ времето од поет до поет. Друг како бескрајна таписерија со поети кои во своето време го земаат своето пенкало и придонесуваат кон таа таписерија во времето и просторот некаде и некогаш, додаде Ен Дафи.

На свеченото отворање, свое обраќање имаше и Јован Стрезоски, еден од членовите на првиот основачки одбор и долгогодишен директор на Фестивалот. Истакнувајќи поважни моменти од почетоците на манифестацијата нагласи дека идејата произлегла со поетското читање во 1961 година, во чест на 100 години од издавањето на зборникот на струшките браќа Димитар и Константин Миладинови.

-Името на Фестивалот го даде Гане Тодоровски и од 1962 започна СВП, што секоја наредна година се ширеше со учество на поети од републиките од тогашна Југославија, а 1965 СВП прераснаа во меѓународна манифестација со учество на поети од неколку земји во светот. Растејќи се секоја година со учесници од сите континенти како и со доделување на меѓународната поетска награда Златен венец манифестацијата добиваше се позначајно место од кое се ширеше поетскиот збор на сите јазици во светот, потсети Стрезоски, посочувајќи дека нацртот на Златниот венец е на академскиот сликар Димче Протуѓер.

Говорејќи за историјата со издвоени моменти заклучок дека СВП е фестивал кој ги зближува поетите, а поетите ги поздрави со мисла од Блаже Конески, која ја употребувал на крајот до секое писмо „Останете со добра мисла“.

Јубилејното фестивалско издание се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“, што го потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауреатите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.

Најголем дел од поетските читања и портретите на фестивалот ќе се одржуваат на летната тераса во хотел „Дрим“ и на летната сцена во Центарот за култура, а најавено е присуство на 30-тина поети од земјава и светот.

Манифестацијата завршува на 30 август, в недела со меѓународното поетско читање Мостови“ и врачување на наградите, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, на летната тераса во хотел „Дрим“.