Отворено писмо до Проф. Д-р Димитар Апасиев,
Претседател на „Левица“
Пратеник во Собранието на „Северната“
Почитуван,
Со целиот ризик дека информациите кои струјат во јавноста се непотполни, или неточни, однапред молам, Вие и јавноста, да ми простите за ова ( се надевам, излишно) обраќање.
Имено, информациите кажуваат дека, според Вас:
- За Името на Државата „Македонија“ е одлучено на Референдумот од 1991., и дека овој Референдум е важечки, бидејќи не е поништен со друг, и дека
- Навестувате нов референдум за Името (со кој Името би се потврдило).
Водена исклучиво од мојата совест, што би се рекло „за секој случај“, – јавно ги предочувам следните факти ПРОТИВ ваквите ставови.
I Името „Македонија“ со сите изведени граматички форми/придавки на народот, јазикот и сл. не произлегува од никакво ПРАВНО дејство, акт или ОДЛУКА, или од каков било ОБЛИК на одлучување, па оттука – ниту од референдум, ниту од оној од 1991., затоа што Името „Македонија“ е ПРИРОДНО ИМЕ, исконско име, наследено, негувано и дочувано до денес, од пред милениуми.
1.За разлика од многу други држави кои со конкретни правни акти утврдиле име за своите држави, во сите акти за современата Држава Македонија (од АСНОМ до денеска), Името „Македонија“, како нејзино ПРИРОДНО Име, е АКЦЕПТИРАНО во државотворните документи, при што, НИКОГАШ не било предмет на дискусија, дилеми, избор, гласање или одлучување – „како оваа Држава да/ќе се именува?“. За разлика од нејзиното уредување (Народна, Федеративна, Социјалистичка и сл.), што е уставна категорија, па затоа и предмет на можно менување со устав и/или одлучување на референдум.
2.Затоа, на Референдумот од 1991. година, народот во огромно мнозинство НЕ одлучуваше за Името, кое, КОНСТАНТНО и СУКЦЕСИВНО останува ИСТО – „МАКЕДОНИЈА“, туку одлучуваше за нејзиното осамостојување/ независност од југословенската федерација. Согласно тоа, со Уставот, таа и натаму го задржува своето НЕПРОМЕНЕТО Име „Македонија“, но со поинакво општествено-политичко уредување, што потоа со Уставот беше и нормирано. Ова се потврдува во Преамбулите на сите устави на државата Македонија ( од 1946 до денеска, со нивните уставни закони, како и пред тоа, со документите на АВНОЈ-за македонскиот народ и АСНОМ- за македонската држава).
3.Доколку на Референдумот од 1991. се одлучуваше за Името „Македонија“, неминовно, тоа ќе ја проблематизираше самата ЛЕГАЛНОСТ на Референдумот. Имено, тоа би значело дека Рефередумот, недозволиво/противзаконски, во себе би содржел 3 прашања:
-За Името на Државата;
-За Независноста и
-За Правото за „здружување со други…“
Значи, би содржел 8 потенцијални одговори, што само по себе би го направило спорен, како што впрочем и поради истите причини, меѓу другите, е правно дефектен и Референдумот од 2018.(со три прашања во едно!).
4.Тврдењето дека на Референдумот од 1991. се одлучило за формирање Држава со Име „Македонија“, би значело дека Државата Македонија од 1991. – НЕМА КОНТИНУИТЕТ со себе си од претходните децении, (иако НЕСПОРНО го уживала тој статус, независно што била дел од Федерација) и дека се губат врските со АВНОЈ и АСНОМ, каде се поставени/утврдени нејзините државотворни темели (како и континуитететот со своето автентично историско минато, Илинден и др.) и сл.
***
Имајќи предвид дека Името на Државата „Македонија“ е ИСТОТО, непроменето, ПРИРОДНО Име, кое и формално е акцептирано со документите на АВНОЈ и АСНОМ, се заклучува дека Името НИКОГАШ, не било предмет на НИЧИЕ одлучување, па ниту на Референдумот од 1991. Туку, предмет на одлучување било – ИСКЛУЧИВО – нејзиното осамостојување како независна Држава, а потоа и како држава со поинакво општествено – политичко уредување, утврдено со Уставот од 1991..
II Името „Македонија“ со сите негови изведени форми, не може да биде предмет на одлучување од НИЕДЕН орган и на ниедна форма на одлучување, вклучително ниту на референдум!
Па оттука, ниту на каков било НОВ референдум!
Еве зошто:
1.Според Уставот и предметниот Закон, прашања кои може да бидат предмет на одлучување на референдум се оние кои се утврдени дека се во НАДЛЕЖНОСТ на Собранието на МК. Во децидно наведените прашања од надлежност на Собранието, не е содржано прашање/надлежност за Името на државата „Македонија“ (ниту за нејзините изведени форми/придавки, за народот, јазикот и сл.). Оттука, ниту Собранието, ниту граѓаните на било каков облик на непосредно одлучување, може да одлучуваат за негова промена. Патем, не е ниту нивно, зашто е наследено од предци пред милениуми, и позајмено од идните генерации!
2.На Референдумот од 2018. не само од етичка и цивилизациска, туку и поради суштинска и формална дефектност, за кои многу е кажувано ( за недозволивоста за одлучување на тнр.sui generis права; за одлучување на сите граѓани со различна етничка припадност за Македонците; за „консултативноста“, но после склучување на Преспанскиот договор; за 3-те прашања, а со 8 одговори на едно ливче и тн), Власта, недопуштено/противправно побара изјаснување за круциелното прашање: Дали граѓаните прифаќаат ПРОМЕНА на Името, кое што е неминовно врзано со прашањето на идентитетот! Ценејќи го прашањето за СРАМНО и НЕДОЗВОЛИВО, граѓаните со ⅔ БОЈКОТ го игнорираа. Не само што беа против, туку не прифатија и да се изјаснат! Затоа и од надлежен орган – ДИК, Референдумот беше прогласен за неуспешен!
Името, според ВОЛЈАТА на граѓаните, согласно меѓународното и националното право ( што, нели, го вклучува и идентитетскиот аспект) е НАДВОР од БИЛО ЧИЕ изјаснување и одлучување!
Оттука, СТАВОТ на граѓаните кон овој Референдум доби свое ИСТОРИСКО значење! Независно што власта, против волјата на носителите на СУВЕРЕНИТЕТОТ на Државата Македонија, со низа, евидентни криминали и злоупотреби, Името насилно го смени!
3.Евентуалното организирање НОВ референдум за Името, а приори би значело дека е ДОЗВОЛИВО Името да биде предмет на одлучување, а оттука и на ПРОМЕНА, што е далкусежно опасна теза!
4.Со оглед на познатите „балкански“ и други методи на Власта, а поттикнати, но и непосредно креирани од низа надворешни заинтересирани фактори за македонското исчезнување, многу е извесно дека ќе следат низа уцени, притисоци и други „софтверски“ и сл. методи – за овој НОВ референдум биде така организиран, – за да го испорача бараниот резултат против Името, народот и идентитетот. Со него, и формално би се поништил Референдумот од 2018. А Името „Македонија“ ќе биде долгорочно и вистински бетонирано во правни и други лавиринти!
***
Убедена сум, изнесениве факти, првенствено упатени кон пошироката јавност од која имате значајна поддршка, Вие лично, со оглед на Вашата лична ерудиција, добронамерно ќе ги примите, размислите и уважите.
П.С. Евентуален референдум би бил ИТНО потребен за изјаснување за законите за ратификација на Преспанскиот и Бугарскиот договор, како и за Амандманот 33. и сл, за што, и јавноста, и Вие лично, бевте подетално запознат. Молам размислите за оваа потреба.
Скопје, Октомври, 2020. Со почит,
Олгица Никола Трајковска