Дипломатската офанзива за признавање на автокефалноста на МПЦ‒ОА е непотребна, бидејќи МПЦ‒ОА со децении е каноски и правно-устроена, а овластувањата за разговарање на „моќните дипломати“ мора стриктно да се пропишани во „стратегиски документ“, изготвен од Светиот архиерејски синод. Документот треба да е одобрен во црковно-народна процедура, кој, како конечен авторитет, ќе ги содржи и барањата на народот. Вака, владиката Григориј во интервјуто за весникот ВЕЧЕР го објаснува статусот на МПЦ во православниот свет. Во неговото прво медиумско појавување откако застана на чело на Кумановско-осоговската епархија, разговараме за актуелните црковно-политички превирања кои одлично ги познава. Владиката Григориј не сакаше да ја коментира одлуката на неговиот претходник, владиката Јосиф, да даде оставка и да се повлече од високата позиција, но вели дека е почестен што токму од него е предложен за нов митрополит. Доктор на науки е, а во Синодот важи за врвен интелектуалец. Епископскиот крст го носи достоинствено со голема духовност, пожртвуваност, целосна предаденост и љубов. Автор е на неколку научни студии од областа на статусот и автокефалноста на МПЦ‒ОА
Елизабета АРСОСКА
Признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е прашање кое со децении се поставува, но нема никаков одговор. Кои се, според Вас, основните претпоставки или правила кои ја градат парадигмата за нејзината одржливост?
МПЦ‒ОА мора да избере најповолно решение кое ќе биде и канонско и уставно. МПЦ‒ОА со децении има изградено сопствен извор на уставно право; во период од неколку децении е уставно-правно устроена, меѓудругото и со перемпторни норми, од кои никогаш не е дозволено никакво отстапување. МПЦ‒ОА не се владеела и не владее со какви било причини за нејзина ништовност, таа има законско наследство и нема никаков договор со Српската православна црква (СПЦ) за враќање (restitutio in integrum). Така што, нејзиното правно постоење не подлежи на конвалидација ‒ немала и нема тужбени пречки од СПЦ, освен што постои секуларна (политичка) причина за нејзино оспорување, што, пак, е невалиден и некаконски институт за оспорување. Решението за МПЦ‒ОА мора да биде производ на подлабоко разбирање на правното расудување за црковно-судската практика во Православната црква. Непотребни се егзалтации и ентузијазам, кои обично се поттикнати од обучените црковни дипломати на „моќните“ Православни цркви. Таквите претходно подготвени решенија за статусот на МПЦ‒ОА, од „моќните“ дипломати, користејќи го правниот опортунизам, најчесто се мамка за наивните. Затоа, овластувањата за разговарање мора стриктно да се пропишани во „стратегиски документ“, изготвен од Светиот архијерејски синод (САС), а одобрен во црковно-народна процедура, кој, како конечен авторитет, ќе ги содржи и барањата на народот, тргнувајќи од познатата парафраза: „Народот ги поставува условите, што царот треба да ги исполни“.
Погледите ни се свртени и кон Цариградската патријаршија каде во изминативе години имаше голема дипломатска активност од страна на македонскиот државен врв. Можеме ли наскоро да очекуваме некое поместување од статус кво состојбата во која се наоѓаме?
МПЦ‒ОА во разговорите треба да пристапи со огромна почест кон Цариградската патријаршија (ЦП), но антиавторитарно, и преку потенцирање на легитимната и врховна функција на Вселенскиот собор (ВС). На ЦП треба да ѝ се признае координативна улога, што ја има во организирањето на ВС. ВС историски и канонски се управува од сите автокефални Цркви, и во однос на догматските, но и при дисциплинарни прашања помеѓу автокефалните Цркви.
МПЦ‒ОА мора да стои цврсто против агресијата за правното наследство на древната Охридска архиепископија. Нашите „непријатели“ посакуваат да отпочнеме со дерегулација. МПЦ‒ОА е канонски и уставно-правно регулирана. Наш најголем сојузник е православниот народ во Македонија. Ретко која друга Православна црква има таков сојузник како што има МПЦ‒ОА. Затоа, не смееме да увеземе егзогени фактори (преговарање за статус, апелација…), кои ќе го дестабилизираат нашиот цврст став за автокефалност, и не смееме да дозволиме на верниот народ на МПЦ‒ОА лукаво да му биде дестабилизирана совеста, и поради тоа да отпочне дестабилизирачка анархија. Освен за автокефалноста, за сè друго може да се разговара. Повикувам на цврстина пред агресијата. Позицијата на МПЦ‒ОА мора да се доведе до status quo ante („како што порано беа стварите“), потоа да отпочнеме создавање формулирана, долгорочна стратегија против немилосрдното непријателство кон МПЦ‒ОА.