Три и пол милиони Французи протестираа на досега најмасовните демонстрации против пензиската реформа на претседателот Емануел Макрон. Зголемувањето на старосната граница, на кое инсистира владата на Макрон, но кое нема подршка од ниту една политичка партија од опозицијата, мораше да биде усвоена преку уставно овластување на владата, познато како 49.3. Токму ваквиот начин, но и телевизиското интервју на Макрон, пред два дена, во кое на долго зборуваше за потребата од оваа реформа, демонстрантите го искористија како дополнителен поттик, пренесува ТВ Телма.
„Ова е неприфатливо, ова не е демократија. Тој си го истурка својот проект со 49.3. Ова е неверојатно, невозможно и не треба денеска да го толерираме“, порача член на Синдикатот на трговци ЦГТ.
Макрон тврди дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање е неопходно за опстанокот на самиот пензиски систем, но најголемиот дел од јавноста не се согласува.
„Ова движење ги претставува човековите права, тоа е филозофија на живеење. Дали сакаме да работиме до 64 години, или не? Јас избирам да не работам. Јас сакам да водам среќен и здрав живот, и не знам дали ќе бидам здрава кога ќе имам 64 години, или дури дали ќе бидам воопшто жива, затоа ова е од голема важност денеска“, изјави студентката Магдалена Пинбовик.
Поддршка за француските демонстранти пристигнува и од странство. Стотици демонстранти протестираа пред француската амбасада во Атина.
„Пораката овде е дека и во Франција и во Грција ги имаме истите капиталистички борби, и дека ние се обединуваме против нив, бидејќи нашите животи се поважни од нивниот профит и ова е меѓународна солидарност“, коментира студентката Лорен.
Во текот на вчерашниот ден ширум Франција се одржаа околу 300 маршеви, повеќето од нив беа мирни, но на места имаша судири меѓу полицијата и маскирани демонстранти. Француската полиција соопшти дека биле уапсени 457 демонстранти, а дури 441 припадник на безбедносните сили бле повредени, додека точна бројка на повредени меѓу демонстрантите засега нема.
Министерот за внатрешни работи изјави дека само во Париз биле подметнати над 903 пожари, додека во Бордо, каде во недела на посета ќе пристигне и британскиот крал Чарлс, била запалена со векови старата врата на градското собрание.