Коосновачката на фармацевтската компанија „БиоНТек“, Озлем Туречи, изјави дека коронавирусот сигурно ќе остане меѓу населението уште неколку години.
Во изјава за американската телевизија Си-Ен-Би-Си, Туречи нагласи дека светот се уште се бори против коронавирусот и дека компанијата, која заедно со „Фајзер“ ја развива вакцината против коронавирусот, внимателно ја следи ситуацијата кога станува збор за можни нови видови.
-Во овој момент, третата доза, која предизвикува дополнителен имунолошки одговор, само по себе дејствува заштитно за секоја постојна варијанта на вирусот, рече Туречи, пренесена од „Дејли Сабах“.
Таа, исто така, изјави дека вакцините на „Фајзер“ можеби во иднина нема да го заштитат населението од нови видови, па затоа сите во компанијата мора да бидат подготвени за таквата иднина со цел да преземат брзи и ефективни мерки за заштита.
-Коронавирусот почна да се контролира, но вирусот сигурно ќе остане таму меѓу нас уште неколку години, рече коосновачката на „БиоНТек“.
Основачите на компанијата „БиоНТек“, Угур Шахин и Озлем Туречи од самиот почеток се вклучени во развојот на вакцината против коронавирусот, а нивните напори беа препознаени на крајот на март оваа година кога го добија највисокото германско признание за развојот на вакцината против коронавирус. На овие сопружници им беше доделен витешкиот крст за заслуги.