ЈП ПОЦ го поскапи за 10 денари паркирањето на паркинзите во Буњаковец и во Пролет. Согласно со новата зонска поделба на јавните паркиралишта со кои стопанисува, а кои се во примена од денеска, цената за еден час паркирање во зоната 0 ќе биде 100 денари, во зоната 1 – 70 денари и во зоната 2 – 60 денари. Всушност, зоната 1 ја зема цената од зоната 01, додека зоната 2 ја зема цената од зоната 1. На тој начин, цената за паркинзите во секторите Буњаковец и Пролет е зголемена за 10 денари, во останатите цените остануваат исти.

За 1.000 денари се поскапени и услугите што ги дава ЈП ПОЦ со возилата „пајак“. Ако подигне „пајакот“ непрописно паркирано возило и го однесе во депото, тоа ќе го чини сопственикот 3.500 денари (досега чинеше 2.500 денари). Казната за возило паркирано на зелена површина, која досега изнесуваше 3.500 денари, е зголемена на 4.500 денари. Како што велат од ЈП ПОЦ, старите цени не биле сменети 10 години, а периодов имаше и зголемување на цената на горивата. Новите ценовници се јавно објавени на веб-страницата на претпријатието www.poc.mk. 

– Реорганизацијата на зоните доаѓа по бројните реакции од корисниците за досегашната зона 01, која предизвикуваше забуна при испраќањето СМС-пораки. Следствено на тоа, јавните паркиралишта на ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар ќе се класифицираат во три паркинг-зони: зона 0, зона 1 и зона 2.

Во зоната 0 се опфатени истите сервисни и станбени улици како и досега: „Осма ударна бригада“, „Лермонтова“, „Никола Кљусев“, „Максим Горки“, „Наум Наумовски- Борче“ (делот пред раскрсницата помеѓу булеварот „ВМРО“ и булеварот „Партизански одреди“), „Скопска“ и „Орце Николов“ (од булеварот „ВМРО“ до плоштадот „Македонија“). Во зоната 1 се опфатени сервисните и станбени улици во секторите Дебар Маало, Парк и Буњаковец, а во зоната 2 се опфатени сервисните и станбени улици во секторите Капиштец и Пролет – соопштија од ЈП ПОЦ.

Оттаму додаваат дека со овие промени ќе се добие подобра организација на паркиралиштата и ќе се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето на територијата на Општината. За подобро информирање на граѓаните за промените во зонската поделба, ЈП ПОЦ ќе ги обнови сите информативни табли, што значително ќе им го олесни користењето на услугите на корисниците на паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието и ќе им овозможи попрегледно и пофункционално паркирање во Општина Центар.