Грешка која многу пати се повтори во последниве години со странски гости, се повтори и вчера при пречекот на министерката за надворешни работи Тања Фајон во Скопје.
Фајон во кабинетот на својот колега Бујар Османи беше пречекана со знамето на Република Словачка.
На средбата меѓу двете делегации, како и на прес конференцијата уредно беше поставено словенечкото знаме. Министерот Османи се пофали со фотографии и видео од средбата со Фајон, но ги изостави овие фотографии снимени во неговиот кабинет.
Овој пропуст на државниот протокол, при пречекот на странските гости во Република Македонија, се повторува.
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц во Скопје пред Владата, од тогашниот премиер и негов домаќин Заев беше пречекан со знаме на Летонија. Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ беше дочекан во претседателската вила на Водно кај Стево Црвенковски со црногорското знаме свртено наопаку.
Има, за жал, и други вакви лоши примери при пречекот на странски официјални гости во Македонија.