Масовната вакцинацијата во државата во криза, објавува ТВ Сител. Во саботата само 597 граѓани примиле прва доза и за оваа намена во пунктовите во моментот има останато нешто помалку од 5000 вакцини. Сите останати количини во фрижидерите се за ревакцинацијата кај која нема застој и досега целосно се заштитени над 81 .000 граѓани. Здравствените власти се свесни за намаленото темпо на имунизација но спасот го гледаат во најавените донации кои треба да стигнат овој период. И покрај најавите засега не се знае дали и кога во јуни ќе стигне и големата набавка од кинески Синовак.
-Сега имаме уште нешто помалку од 5 000 вакцини кои се распределени да се даваат во новоотворените пунктови, во сите други се прави ревакцинација. Оваа недела треба да дојдат 70 000 вакцини – 50 000 од Бугарија и 20 000 од Грција, најверојатно вакцини на ’Астра Зенека‘. Сè уште немаме потврда за типот на вакцини. И тоа што редовно доаѓа секој понеделник од вакцините на ’Фајзер‘, како и тоа што го очекуваме е големата количина на вакцини од Кина за кои сè уште немаме точен датум. Најавата беше дека ќе биде на почетокот на јуни, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Имајќи ја во предвид моменталната регулатива за вакцинација во земјата, Астра Зенека вакцините кои треба да ги донираат Грција и Бугарија ке бидат наменети за постари од 60 години. Останатата популација засега ќе ги чека неделните количини кои стигнуваат од Фајзер. Иако имаше најави за до крајот на мај, нема одговор дали и кога ќе добиеме од руската вакцина. Здравствените власти пред неколку месеци објавија за 200 000 дози од Спутник В, но досега добивме само 6000.
На сајтот за пријавување за ревакцинација отворен за лицата кои примиле прва доза во странство досега аплицирале.2472 граѓани. Рокот е до крајот на неделата а надлежните веќе се изјаснија дека по добивање на точниот број ќе се обидат да обезбедат втори дози.