Министерот за рударство на Демократска Република Конго, Кизито Пакабомба за „Фајненшл тајмс“ изјави дека договорот за ретки минерали, што се подготвува со САД, ќе помогне во „диверзификацијата на партнерствата“ и ќе ја намали зависноста на земјата од Кина во експлоатацијата на нејзиното огромно рудно богатство.

Властите во Конго се надеваат дека следниот месец ќе склучат договор за ретки минерали со САД.

Додека САД се надеваат дека ќе ја вратат својата позиција во рударскиот сектор на Конго, каде што од 2008 година Кина е доминантна сила. Пекинг склучи договор од повеќе милијарди долари со Киншаса, обезбедувајќи им на кинеските компании пристап до рудниците во Конго во замена за изградба на инфраструктурни објекти.

Договорот, исто така, би можел да ги постави темелите за соработка меѓу Конго и соседни земји, вклучително и Руанда, во областа на извозот и преработката на метали. Сепак, на Руанда нема да ѝ биде дозволено да учествува во трговијата со минерали во Конго сè додека бунтовниците од Движењето 23 март (М23) не се повлечат од територија што ја окупираа во јануари.

ДР Конго ја обвинува Руанда за поддршка на М23, како и за грабеж долж границата на злато и колтан, што се користи во производството на мобилни телефони. Кигали ги негира и двете обвинувања.

За Руанда, преговорите помеѓу Конго и САД, се можност за легализирање на пристапот до конгоанските ресурси и привлекување американски инвестиции за проширување на својата индустрија за преработка на метали.

фото: МИА архива