Приведен е Љупчо Палевски-Палчо, кој се сомничи за киднапирање и за реализација на убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Неофицијално, тој бил задржан на аеродром во Турција, по распишаната меѓународна потерница.

Министерството за внатрешни работи (МВР) за вечерва закажа вонредна прес-конференција поврзана со убиствата на Вања и Панче, откако се дозна дека првоосомничениот е уапсен.

Засега е познат неговиот пат на движење, а тоа е Скопје-Белград-Турција преку Бугарија.

Вечерва беше уапсен и 46-годишен скопјанец, кој како што соопшти обвинителството, го превезувал Палевски преку Бугарија до Турција, со што му помогнал да побегне од државата. Другите осомничени вечерва беа донесени во Кривичниот суд, каде судија на претходна постапка ќе треба да одлучи по предлогот на обвинителството за продолжување на мерката притвор.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва во 22.30 часот ќе се обрати пред медиумите.