Селекторот Благоја Милевски е најдобриот досега во Македонија, а придонесот на Горан Пандев за македонскиот фудбал е неспорен, но со него во стартниот тим еднаш Македонија изгуби од Андора, вели поранешниот репрезентативец, Дарко Панчев.

– Придонесите на Пандев за македонскиот фудбал се неспорни. Не треба да се заборави дека неговиот гол во плеј-оф натпреварот против Грузија нè однесе на Европското првенство. Сепак, еднаш загубивме и од Андора со него во стартниот состав. Но, може да се види дека откако си замина во пензија, играчи како Елмас, Барди или Адеми можат уште повеќе да се развиваат, што е многу корисно за квалитетот на репрезентацијата, вели Панчев, пренесе спортскиот портал Екипа.

За селекторот Милевски Панчев змета дека е „најдобриот македонски тренер и мора да добие нов долгогодишен договор“.

– Да бев претседател на федерацијата, веднаш би му го продолжил договорот на уште четири години. Многу сум импресиониран од неговата работа и неговиот концепт, особено што претходно има направено одлична работа со младинскиот тим. За мене тој е најдобриот национален селектор што сме го имале на клупата досега, вели Панчев.