Владимир ПАНЧЕВСКИ, кандидат за Јавен обвинител на Република Македонија
(Аналитичка реконструкција на периодот 2010–2026)
Кога денес, со временска дистанца, се анализира доминантниот јавен дискурс за македонското правосудство, речиси неизбежно се наидува на тврдењето дека станува збор за институции судови и обвинителства кои „со децении се со доверба од само 2%“. Ова тврдење се повторува со таква леснотија и сигурност, што ретко кој чувствува потреба да ја провери неговата фактичка и историска генеза. Токму тука започнува проблемот бидејки оваа денешна перцепција не е заклучок изведен од податоци, туку податок изведен од заклучок.
ВРЕМЕ КОГА СУДСТВОТО ИМАШЕ ЈАВЕН ЛЕГИТИМИТЕТ
Во периодот меѓу 2010 и 2013 година, судството во Република Македонија, со сите свои структурни слабости, сепак уживаше релативно стабилен јавен легитимитет. Истражувањата на јавното мислење од тој период недвосмислено, со факти и извештаи покажуваат дека довербата во правосудството се движела околу 40–45%, а во 2013 година се стабилизирала на околу 41%.
Оваа бројка е клучна не затоа што претставува идеален рејтинг, туку затоа што претставува праг на институционална легитимност. Систем со ваков степен на доверба може да биде предмет на критика, реформа и подобрување, но не и со квалификација „целосно дискредитиран“ или „без доверба“.
Оттука, 2013 година не е обична хронолошка точка, туку референтна година која јасно покажува дека наративот за „долгогодишно судство со 2% доверба“ е историски неточен.
Но што придонесе за тоа што го имаме денес!
КРИЗАТА ВО ПОЛИТИЧКИОТ БЛОК КАКО ПРЕСЕК, НЕ КАКО КОНТИНУИТЕТ
Драстичниот пад на довербата во судството се случува во краток временски интервал во 2015 година. Тој пад не е резултат на постепена институционална ерозија, туку на акутна политичка и општествена криза.
Во овој период, врз правосудството како неполитична фела и контролен механизам на системот, трета власт, се фрли политичка анатема, судството како дел од поширока конструкција означена како „заробена држава“. Во јавната сфера, преку медиуми, политички говори и селективно објавени материјали, се создаде атмосфера во која индивидуалната одговорност на поединци се претвори во колективна вина на институцииите.
Анкетите од тој период регистрираат драматичен пад на довербата, во некои случаи и на едноцифрени проценти. Но овие бројки мора да се читаат во својот контекст, тие ја мерат моментната перцепција во услови на длабока политичка поларизација, а не трајна оценка за институционалниот квалитет на судството. За волја на вистината во тој период во правосудството доаѓа и до инсталација на првите генерации судии и обвинители кои доаѓаат преку Академијата на судии и обвинители.
Клучниот методолошки и логички пресврт се случува кога овој временски ограничен пад се претвора во ретроактивен доказ дека судството „отсекогаш“ било без доверба. Токму тука настанува перцепцијата дека сите се исти корумпирани и нефункционални.
Драматичниот пад на довербата не е резултат на долготрајна структурна деградација, туку на краток, но интензивен политички општествен пресинг (2014–2015). Тоа е време на масовни објави на незаконски прислушувани разговори, медиумска криминализација на цели институции, политичка делегитимација на судската власт како целина, наратив за „заробена држава“ во кој судството беше означено како централна алка. Во тој контекст се бара формирање на “надуставно” и “независно” тело СЈО како институција за излез од вештачки креираната криза за политичка превласт во пакет со идна промената на уставното име на државата.
Во тој контекст, довербата во судството колабираше и во одредени анкети падна на 5–10% и пониско. Но овие анкети не мерат долгорочна институционална доверба, туку моментна политичка перцепција под силен емоционален и медиумски притисок.
Наместо падот да се третира како исклучок, тој станува правило. Наместо како симптом на криза, тој се интерпретира како доказ за суштинска нефункционалност. На тој начин, бројката од „2%“ престанува да биде статистички податок и станува политички симбол – алатка со која се оправдуваат вонредни мерки, институционални интервенции и суспендирање на основни принципи на судска независност, а тоа е времето од 2015-2016 година.
Во овие години во јавниот и меѓународниот дискурс доминира јазикот на „реформи“, во кој ниската доверба станува централна дијагноза. Во извештаите на Европската Комисија довербата во судството се наведува како проблем, но често без јасна дистинкција помеѓу перцептивна недоверба и нормативна поставеност или функционална состојба на институциите, нешто што претходниот период не било забелешка. Наспроти ова во домашниот дискурс, оваа разлика целосно исчезнува. Перцепцијата станува доказ, а доказот – “пресуда”. Така, „низок рејтинг“ се користи како аргумент за дејствија кои, парадоксално, дополнително ја поткопуваат довербата што наводно сакаат да ја вратат. Во овој контекст се вклучува и меѓународната заедница со странсака експертска поддршка и помош, како Експертскиот тим на Прибе, Ван Хауте и слично кои дополнително го потонуваат третиот столб на државата кој е олицетворение на судската власт. Исто така слабиот квалитет на продуцираните кадри на судии и обвинители од Академијата и полнењето на правосудните органи преку Академијата по партиски клуч, прием на генерации академци блиски до партиски функционери дополнително го руши угледот на третата власт.
Во периодот по 2016 година, митот за „2% судство“ престанува да биде само реторичка фигура и почнува да функционира како самореализирачка структура.
Постојаното повторување дека судството е без легитимитет доведува до трајна деморализација на судската професија, се прават подобни селективни кадровски политики и унапредувања поради политичка послушност во правосудните институции, слабеење на внатрешната автономија, постепено перцепцијата се претвораше во реалност. Со инсталирањето на кадрите од распаднатото противуставно СЈО кое пропадна заради криминал и корупција ниската доверба не е веќе доказ за минатото, туку како последица на инсталациите на новата власт по 2016 година. Од тогаш до денес еве 10-та година препораките за реформи на странските експерти донесени преку меѓународната заедница ниту имаа ефект ниту дадоа резултати освен што го срушија кредибилитетот на правосудниот систем за некакви внатрешни и надворешни политички цели.
Кога се реконструира периодот 2010–2026 година со аналитичка дисциплина, станува јасно дека „2% судство“ не е историски факт, туку концепт создаден во одреден политички контекст и политичка цел.
Затоа, вистинското прашање не е дали судството имало проблеми – тоа е неспорно – туку дали митологизацијата на тие проблеми не нанела поголема штета од самите слабости што требало да се надминат.
Без враќање кон фактите и кон 2013 како референтна точка, како јасна разлика помеѓу криза и континуитет, ниту една реформа не може да биде ниту правно одржлива, ниту институционално легитимна.
Дури и сега во очи на конкурсот за нов државен Јавен обвинител не може да се очекува дека кадрите “од внатре” од истите овие институции фатени во периодот на беззаконие кој трае од 2016 – 2026 инфицирани со меѓусебна испреплетеност и колегијалност и истовремено комотни во своите трајни функции на обвинители и судии ќе дадат нов и подобар квалитет, нели по оној американскиот идиом на кратенката (GIGO), кој во превод значи: “Garbage in, garbage out” или ако во еден процес внесеш “ѓубре” резултатот ќе биде “ѓубре”.




