Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини сакаше да го промени селекторот Игор Ангеловски пред бараж-дуелите со Грузија и Косово, откри капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев.

Тој во интервју за ТВ 24 упати силни критики кон ФФМ, особено кон претседателот Сејдини. Пандев рече дека претседателот на ФФМ не е среќен што Македонија ќе игра на Европско првенство.

– Се кроеше некаква политика, да бидам искрен, се кроеше долго време политика околу А-репрезентацијата и селекторот. Претседателот и некои луѓе сакаа да ја нарушат атмосферата во репрезентацијата, но не успеаја. Сејдини се дрзна да го менува селекторот пред дуелите со Косово и Грузија, а токму Сејдини и некои луѓе околу него, кои не ги ни познавам не дојдоа ниту да ни посакаат среќа. По натпреварот со Израел, дојде во хотелот и ми вели, Горан сакам да разговараме, сакам да го смениме селекторот Ангеловски, му одговорив вие сте претседател, вие одлучувате, но според мене не е моментот вие да го правите тоа, открива Пандев.

Но, додава Пандев, Сејдини „немал сили за тоа“:

– На крајот, сепак немаше сили да го направи тоа, затоа што цела македонска јавност стои и зад селекторот Ангеловски и зад нас како репрезентација. Некои луѓе работеа против репрезентацијата, ама не успеаја. Глумеа дека се среќни, а во лицето им се гледаше дека не се. Жално е се што се случува по пласманот на ЕП. Како и да е, оваа генерација заслужи да ги има најдобрите услови за работа, а сакам да потенцирам дека 90% од репрезентативците не ни знаат кој е претседател на ФФМ кој е потпретседател и кои се луѓето кои патуваат со нас, тоа се анти-фудбал луѓе. Јас со Адеми, со Алиоски, со Барди се слушам секој ден како браќа сме, вели Пандев.

Тој додава дека ќе се пензионира по завршувањето на ЕП.