Горан Пандев беше стрелец за Џенова во големата победа над Милан на „Сан Сиро“ со 2:1 во меч од 26 коло во Серија А. Капитенот на македонската фудбалска репрезентација беше во стартниот тим на гостите, во листата на стрелци се заведе во седмата минута и на тревникот остана до 79. минута.
На тој начин, Пандев покажа дека се наоѓа во добра форма пред решавачките дуели на националниот тим во плејофот на Лига нации за пласман на Европското првенство ова лето. „Црвено-жолтите“ на 26 март ќе бидат домаќини на Косово, а победникот од мечот ќе игра со подобриот од пресметката меѓу Белорусија и Грузија на 31 март.
Во останатите два меча од денешната понуда во Серија А, Сампдорија ја совлада Верона со 2:1, а СПАЛ како гостин ја порази Парма со 1:0.
Од 18 часот, Удинезе ја пречекува Фиорентина, додека во вечерниот термин од 20.45 часот е дербито меѓу Јувентус и Интер.