Александар ПАНДОВ
Вечерва на пат кон дома, кога тргнав да ја преминувам железничката пруга, која патем речено е на дваесетина метри од мојот дом, слушам во темнината превртување на камења предизвикани од човечки чекори по пругите, од луѓе кои забрзано се приближуваат кон мене. Во дел од секунда помислив да не се гавазите Заеви со боксирачи и шипки, но во истиот момент ја отфрлив таа опција свесен дека би избрале подобра ситуација да се тепаат со мене од насред пруги.
Крадци, повторно си велам, не се, железничка пруга е, што мајка бараат па и они на неа.
Во истиот момент кога сфаќам дека се мигранти, од темницата слушам машки глас: Wi-Fi, Wi-Fi! Јас на тоа одговарам: Of course!
Како и што можете да видите од сликата подоле, беа две момчиња, од Авганистан. Припаѓале на племето Паштуни. Им велам, јас сум Александар од Македонија. И нормално, како што не дал Господ нас Македонците, ги поканив во мојот двор каде заедно седнавме. Веднаш им ја внесов лозинката од мојата интернет мрежа, а дополнителните батерии ги ставивме на полнење. Додека тие зборуваа на нивните телефони, набрзина им направив сендвичи од крајчињата на лебот со путер, парче сирење и патлиџан. Им дадов по едно шише со вода и неколку јаболка.
Додека јадеа ми кажаа дека се изгубиле со групата, па интернетот им бил неопходен за да можат да се слушнат и најдат со останатите.
Насмеани, мислам сто пати ми рекоа „thank you, thank you“. На заминување, се поздравивме и покрај искажаната желба за среќен пат од моја страна, им реков:
„Ви завидувам и на двајцата. Вие дојдени од Авганистан ќе влезете побрзо во Европа, од нас тука кои живееме во Македонија, која се наоѓа географски во Европа. За момент, зачудено ме погледнаа, но веќе во наредниот повторно на нивните лица се врати насмевка и поглед полн надежи за подобар и посреќен живот.