Во Босна и Херцеговина не стивнува паниката поради серискиот убиец Един Гачиќ (43) кој минатиот понеделник ладнокрво го ликвидирал сопственикот на маркет Сауд Султаниќ кај Коњиц, а кон крајот на минатата недела и полицаецот Махир Бегиќ (47), пишува Јутарњи лист.
Во овој момент по Гачиќ на терен трагаат илјада полицајци, а на нозе се и сили од повеќе босанскохерцеговски кантони, но засега не успеваат да го пронајдат.
Грчиќ е вооружен до заби и исклучително опасен, а сараевски Дневни аваз дошол до наоди кои укажуваат дека убиецот на полицаецот во Суходол кај Тарчин го ликвидирал користејќи го истото оружје со кое го убил и Султаниќ.
Според балистичките наоди, чаурите пронајдени во Суходол и тие кај Коњиц, испукани биле од исто огнено оружје. Испукани биле од автоматска пушка М-56, тн. „шмајзер“. Гачиќ користел и пиштолска муниција калибар 7,62 мм.
Како што за Дневни аваз открил извор близок до истрагата, се работи за убиец психопат. Тој го зел и службениот пиштол на убиениот полицаец, како и две рамки со муниција.
Додека трае потрагата по серискиот убиец, меѓу населението во БиХ владее паника, а медиумите јавуваат дека во некои делови од земјата жителите ноќе ги гасат светлата, но од страв не заспиваат. Утрово, како што објави Радио Сараево, во некои места родители не ги пуштиле в училиште своите деца.
Веќе седум дена овој монструм е во бегство, а приказната за него освен регионалните медиуми, ја пренесоа и светски медиуми како Вашингтон пост, Њујорк тајмс, Фокс њус, Нешнл пост и многу други.