Ликот на Гоце Делчев е на удар затоа што може да се каже дека тој му пречи на северномакедонизмот, вели историчарот д-р Митко Панов од Институтот за национална историја

– Гоце е симболот на македонизмот, односно на македонството и токму од тие причини се настојува заедно тој да се чествува, но не само Гоце туку и сите други историски личности кои се поврзани со Македонија, сега треба да им се даде нов контекст, а со тоа всушност да покаже дека македонската нација е измислена во Титова Југославија, некаков вештачки конструкт, со историја заснована на фалсификати. Тоа современата наука потполно го негира, изјави Панов во студиото на Утрински печат.

Тој смета дека и дека не е умесно да се одржува заедничко чествување на историски личности, кога едната страна не ја признава другата. Тој истакна и дека Заедничката комисија за историја на Македонија и на Бугарија, во препораките го дава исклучиво бугарскиот наратив.

– Комисијата во препораките си даде исклучиво бугарски контекст на мисијата на Кирил и Методи, не спомнувајќи ја никаде Македонија, дека се родени во Македонија. Значи се исклучува целосно македонскиот контекст, а се дава исклучиво бугарскиот поглед на историјата, додава Панов.