Папата Франциск, една година по експлозијата во пристаништето во Бејрут, во која загинаа 214 луѓе, денеска побара да се помогне на Либан на „конкретен“ начин и притоа изрази желба да ја посети земјата.

– Ја повикувам меѓународната заедница, од која барам да му помогне на Либан на патот на воскресението со конкретни дела, а не само со зборови, рече Папата на општата аудиенција.

Во таа смисла, тој додаде дека конференцијата организирана од Франција и ОН за хуманитарна помош за Либан, која во моментов е во тек, посакува да вроди со плод.

– Драги Либанци, мојата желба да ве посетам е голема и се молам за вас без прекин за Либан повторно да стане порака за братство и мир за целиот Блиски Исток, рече папата Франциск.

Министерот за надворешни работи на Ватикан, архиепископот Пол Галагер минатиот месец рече дека папата Франциск може да го посети Либан подоцна оваа година или почетокот на следната, дури и ако не се формира влада.

На конференцијата учествуваат претставници на околу 40 земји и меѓународни организации, а целта е да се соберат 350 милиони долари за населението во таа земја.

Земјата со месеци е во тешка политичка, економска, социјална и хуманитарна криза.

Либан денеска ја одбележува првата годишнина од силната експлозија во пристаништето во Бејрут, а семејствата на жртвите продолжуваат да бараат правда и одговорност.

Земјата прогласи национален ден на жалост во знак на сеќавање на првата годишнина од катастрофата, во која загинаа повеќе од 200, беа повредени околу 6.000, а беа раселени уште 300.000 лица.

Продавниците, банките и фирмите ќе бидат затворени, а владините згради ќе ги спуштат знамињата на половина копје.