Папата Франциско рано изутринава пристигна во Будимпешта, во посета на Унгарија, каде што ќе ја прослави завршната миса на Меѓународниот евхаристиски конгрес, јави ДПА.
Се очекува илјадници луѓе да присуствуваат на настанот, кој ги привлече претставниците на Црквата од целиот свет да ја зајакнат вербата во Евхаристијата, централен принцип на Римокатоличката црква.
Католиците веруваат дека, за време на церемонијата на Евхаристија, лебот и виното се трансформираат во телото и крвта на Исус Христос. Церемонијата се враќа на Тајната вечера, во која Исус, основачот на христијанството, сподели леб и вино со своите апостоли пред да биде однесен на распнување.
Папите ретко слават настан како миса за да се заврши таков конгрес. Првично беше планиран за минатата година, но настанот беше одложен поради пандемијата на коронавирус, потсетува ДПА.
Оваа година, поради очекуваниот висок интерес, властите ги олеснија рестриктивните мерки, така што од луѓето што сакаат да присуствуваат нема да се бара да покажат доказ за негативен тест за коронавирус или вакцинација.
Најавена е можност папата да оствари средба и со унгарскиот претседател Виктор Орбан на маргините на церемонијата,. Орбан честопати се опишува како бранител на христијанството, но неговиот став кон повеќе политики – вклучително и оние што повикуваат мигрантите да се држат надвор од Унгарија – честопати го става во судир со папата.
Папата Франциск, по завршувањето на програмата во Унгарија, подоцна во текот на денот, ќе отпатува во посета на Словачка.